За платформата
Веб-платформата е предвидена како алатка за прибирање средства во форма на crowdfunding за идеи за воспоставување на социјални претпријатија во Северна Македонија. Платформата е замислена и како ресурс за постоечки и нови иницијативи за социјално претприемништво. Покрај тоа, платформата нуди информации за поддршка, надоградување, споделување на знаење како и вмрежување. Во делот за собирање на средства, креатори на иницијативи ќе имаат можност да објавуваат иницијативи и да собираат средства во склоп на кампања за crowdfunding.
За проектот
Проектот „Социјално претприемништво за младинско вработување“ ќе се стреми да обезбеди можности за градење капацитети за невработени млади лица, a истовремено ќе ги води низ процес на саморазвој и раст во полето на социјалното претприемништво како модерен начин на самовработување. Проектот ќе воспостави поволна средина за младинско социјално претприемништво со што би се намалила невработеноста кај младите; ќе ги зајакне компетенциите и капацитетите на ранливите млади; ќе го промовира социјалното претприемништво предводено од млади; ќе ги вклучи младите во социјалните претпријатија но и ќе обезбеди простор за прибирање средства за имплементација на нови идеи за социјални претпријатија. Проектот се стреми да ги зголеми вештините на невработените млади од ранливи категории притоа влијаејќи на нивната економска моќ, да го зголеми интересот на младите за социјално претприемништво преку креирање различни можности во оваа област, поголема онлајн и офлајн логистичка и техничка поддршка за социјалните претпријатија што ќе придонесе кон зголемен социо-економски развој на претпријатијата и нивните вработени, зголемени алтернативни начини за финансирање на социјални претпријатија што би резултирало со зголемен број на социјални претпријатија, зголемен број на национални стратешки документи кои предвидуваат мерки и активности за млади социјални претприемачи.
Општи целни групи:
Општите целни групи на проектот се млади лица и постоечки социјални претпријатија кои се желни да ги унапредат своите сервиси/услуги.
Специфични целни групи:
- Млади Роми;
- Млади без родителска грижа;
- Млади со попречености;
- Млади девојки;
- Млади – поранешни зависници од дрога.
Главна цел е да поттикне економско зајакнување и развој на социјални претпријатија предводени од млади.
За целите на овој повик за финансиска поддршка под социјални претпријатие се подразбира “социјално претпријатие се дефинира како оператор во социјалната економија чија главна цел е да има општествено влијание преку обезбедување на добра и услуги на пазарот на иновативен и претприемачки начин, својата добивка ја користи првенствено за да оствари општествени цели, а со него се управува партиципативно со вклучување на вработените, потрошувачите и заинтересираните страни кои се под влијание на неговите активности […] терминот општествена цел се разгледува во поширока смисла и вклучува обезбедување на културни, здравствени и образовни услуги, како и услуги за заштита на животната средина. Преку промовирањето на општиот интерес, СП ја надминуваат традиционалната ориентација кон сопствениците и акционерите. Во случај кога станува збор за производ, СП мора да обезбедат производ/услуга кои имаат општествена вредност.”
За потребите на овојпроект, младинско социјално претпријатие се дефинира како социјално претпријатие кое: а) има управувачка структура составена од 2/3 млади на возраст од 15-29 години; или б) вработува или ангажира млади од 15-29 години или пак в) социјално претпријатие што директно влијае и креира бенефити за младите од 15-29 години.
За НМСМ
Национален младински совет на Македонија е сојуз на здруженија во кој на доброволна основа членуваат здруженија и фондации од Република Северна Македонија. НМСМ е основан на 29 јуни 2013 година, а во својата мрежа обединува 51 организација со различна позадина: 16 младински организации, 20 организации за млади, 1 сојуз, 7 подмладоци на други организации и 7 придружни организации.
Националниот младински совет на Македонија работи на локално ниво во сите плански региони преку своите регионални канцеларии, а заеднички со сите членки и телата на НМСМ работи и на национално и на меѓународно ниво. Главни области во кои советот има изградено долгогодишно портфолио се креирање и поттикнување на процеси, активности и програми за градење на капацитетите на младинските форми на организирање; креирање на процеси, активности и програми во насока на личен и професионален развој на младите; застапување и соработка со сите релевантини чинители, а со цел унапредување на капацитетите и можностите за младинските форми на организирање и унапредување на благосостојбата на младите, поттикнување и предводење на процеси за креирање на младински политики; унапредување и мониторирање на постоечките младински политики; застапување и соработка со/пред сите релевантни чинители (национални, регионални и меѓународни) со цел унапредување на положбата (политики за младинско учество, младински стандард, квалитет на живот) на младите. Преку овие области НМСМ директно влијае на младинската добросостојба, овозможува социо-економски раст на младите, поттикнува активно граѓанство и младински активизам, воспоставува мрежи помеѓу младите, бизнис секторот, донаторите, институциите и останатите чинители и застапува за следење на трендовите во областа на младите.
Од 29 ноември 2015 година, Националниот младински совет на Македонија е дел од европското семејство на младински организации, Европски младински форум.
Во моментов во НМСМ функционираат две програми, програма за добро владеење и програма за стратешки развој.